Регистрирај Pazar3 сметка и добиј 50 денари!

foods you can grow on your own


Храна која можете да ја одгледувате сами


Одгледувањето на храна во домашни услови може и да ви заштеди дел од месечните трошоци за храна во вашиот дом и семејство, а воедно, и да ве снабди со речиси неограничени количини од омилениот зеленчук или овошје, чиј квалитет ќе биде проверен и докажан бидејќи сепак, таа ќе расне во вашите живеалишта - станови, куќи или пак градина и двор!

Во оваа статија ќе имате можност да дознаете кои видови на храна би можеле да ја одгледувате самите без никакви потешкотии, и тоа во удобноста која ја нудат вашите дворови, градини и живеалишта!


#1 Зелена салата

Зелената сала е неопходен дел од речиси секоја (фамилијарна) трпеза, а бенефитите кои ги нуди за возврат се одлични за човечкото здравје, бидејќи таа го олеснува варењето на храната, го подобрува сонот, како и целокупната работа на срцето.

Наместо секој пат да одите на пазар или во поголемите маркети со цел да се снабдите со зелена салата, зошто истата не ја посадите во вашиот двор или градина, и со тоа ставите крај на трошоците?

Имено, процесот на одгледување не е воопшто тежок, бидејќи она што ја прави оваа храна интересна за одгледување е фактот што вие не го јадете плодот, туку листовите, па така, за кратко време би имале веќе готов производ бидејќи листовите растат за кратко време.


Сеење

Во поглед на сеењето, најпогодно време е да го направите тоа во хумусно земјиште кое што одлично за задржува влагата, и тоа во пролет или есен додека температурата не е ниту превисока ниту прениска, а идеалната температура е помеѓу 15-20ºC.

За ваша информација, семето ќе изникне за 2-4 дена, а по 45-55 дена вие ќе имате зелена салата со максимален раст.

Исто така, имајте на ум на тоа дека оптималната pH вредност на земјиштето/земјата за зелената залата треба да изнесува помеѓу 6,0-6,5-7, а препорачливо е да користите ѓубриво NPK 7:14:21 рано во пролетта, за дап одоцна примените KAN и тоа од 70-100kg/ha.


Наводнување

Обично, потребно е околу 15 литри вода на метар квадратен, и тоа два пати неделно, освен во услови на превисоки температури, и се разбира, кога е облачно и во моментот има големи количини на дожд.


#2 Авокадо

Авокадото е извор на многубројни хранливи состојки како витамин К, фолна киселина, здрави масти, растителни влакна, а содржи повеќе калиум дури од бананите, па така, одгледувањето на ова овошје се чини и повеќе од вистински избор за секој еден од нас!

Па, се отвора прашањето - Кои работи треба да ги преземете за да започнете со одгледување на авокадо во вашиот дом?

Најпрвин, внимателно исчистете ја и извадете ја семката од авокадото, но, внимавајте да не ја отстраните кафеавата кора на семката, бидејќи ова е клучно за да посеете здраво семе.

Откако ќе го направите ова, она што следува е да дознаете која е вистинската страна на семето кое што треба да се посади, а ова може да звучи чудно за вас, но, авокадото има семе со две краеви.

Рамниот дел е оној кој што е долниот дел, а испакнатиот е горниот, па така, поставете го рамниот дел во вода и поставете 3-4 чепкалки околу авокадото, а чепкалките освен тоа што се практични, тие ќе служат и како потпора за раст на авокадото.

Потоа, земете проѕирна чаша или пак тегла, и поставете го коренот заедно со чепкалките, и на секои 5 дена менувајте ја водата.

Обично, потребно е да поминат од 2-8 недели пред да се појават првите никулци, а на крај, откако растението ќе достигне висина од околу 15-18cm, исечете околу 7-8cm, за да повторно порасне до 15-18cm.

Откако ќе се случи тоа, засадете го авокадото во почва а дрвцето нека биде поставено на сонце.


#3 Лимон

Лимонот не претставува само храна која што е извор на Ц витамин, хранливи материи и витамини, туку воедно, тоа е и прекрасно дрво кое што може значително да го подобри изгледот на вашиот двор, благодарејќи им на изгледот на плодовите и на лисјата.

Во суштина, лимонот не спаѓа во категорија на големи дрва, бидејќи просечната висина изнесува од 3-6 метри, па голем број од луѓето го користат дури и како украсно дрво кое се сади и во саксија.

Тоа значи дека ќе можете истото да го посадите во вашиот двор или пак да го одгледувате на тераса која ќе се трансформира во вистинска цветна градина!

Доколку сакате да посадите лимон во саксија, ве советуваме да не правите засадување со семе, бидејќи периодот за растење е долг напсроти засадувањето на веќе израснато дрвце од расадник.

Исто така, имајте на ум дека пресадувањето се прави еднаш на 2-3 години, а откако периодот на растење ќе заврши, тука треба да заврши и пресадувањето.


Наводнување

Наводнувањето во летниот и пролетниот период се прави 1-2 пати на ден со топла вода, додека пак, во зима и поладните месеци препорачливо е да се прави 1-2 пати во неделата со топла вода.

Во зимскиот период, особено треба да внимавате да не дојде до пресушување на почвата, бидејќи тоа негативно ќе се одрази врз плодот, а во ова голем удел ќе има и доколку полевањето се прави со ладна вода.


#4 Чери домати

Податок кој можеби ќе Ве интересира: чери доматите се одгледувале со векови, почнувајќи од народите во Јужна Америка, па се до нивната употреба во Европа, каде за прв пат бил прикажан овој домат во илустрација на ботанички дрва од страна на швајцарскиот потаничар Каспар Баухин во 1623 година.
Но, најголемата пресвртница за популарноста на чери доматите се случува во 1919 година во САД, а интересно е и тоа што рецептите кои вклучуваат примена на чери домати датира уште од 1967 година.

Пред да започнете со садење на чери домати, потребно е да ги пронајдете оптималните услови, а тоа се дневни температури од 20-25  во текот на денот или 13-17 од 10°C за време на ноќта со влажност на воздух од околу 60-70%.

Ова е многу важно бидејќи доколку ги засадите на температури од околу  од 10°C, растот ќе стагнира, па затоа, најдобриот период за засадување е после 10 мај.

Кога станува збор за семето, откако ќе обезбедите доволна количина,  истото треба да го поставите во саксија која што треба да има мешанива од земја и тресет, за да потоа, истата саксија ја поставите на сончево место.

Од друга страна, имате опција и да одберете веќе подготвен садник од пазар, но, во овој случај, одбирајте ги оние садници кои што се добро развиени, и при садење на целиот корен, запазете истиот да влезе во земјата се до целениот дел од стеблото.

Полевањето се препорачува да се прави на секои два дена, а после 2 недели, нанесеете течно ѓубриво.

Кога доматите ќе пораснат, бербата треба да се прави поединечно или во грозд, па така, ако на здогледате веќе зрели домати, истите соберете ги, а помалку зрелите оставете ги да дозреат наместо, дури и во услови на собна температура.


#5 Јагоди

Една од предностите на јагодите е тоа што тие можат да се одгледуваат и на отворен но и на затворен простор, бидејќи по природа, тие се флексибилни и му оставаат простор на одгледувачот да одлучи дали тие ќе бидат засадени како чиста култура во двор / поголеми плацеви или пак во саксија.

Во секој случај, она кое што треба да го имате предвид при изборот на место за садење е типот на земјиштето, а тоа вклучува одбирање на земјиште кое што е рамно, дренирани почви и се разбира, местоположба која што поголем дел од времето ќе биде изложена на сонце.

За ваша информација, садењето најчесто се прави со употреба на еднолична/двојна фолија кои треба да се постават претходно утврдени редови со ширина од 80-100cm, истите треба да имаат перфорирани дупки со оддалеченост од 20-40cm.

Исто така, под фолиите, многу е важно да се наоѓа лента за наводнување, бидејќи несоодветното наводнување е главниот причинител за да јагодата не Ви успее во градината или плацот.

Покрај ова, повеќе од потребно е да поставите околу 20-40t/ha и 200-400kg/ha минерално ѓубриво, особено доколку сте во фаза на подготовка на почвата.

Откако ќе завршите со садењето, следниот чекор е да правите напори за спречување на плевелите, регулирање на плодноста на јагодите кое вклучува отстранување на самиот цвет уште во првата година.


Се надеваме дека ви се допадна нашиот избор на храна која би можеле да ја одгледувате во вашиот дом, а доколку вашиот одговор е потврден, тогаш искористете ги нашите совети, започнете со одгледување и подобрете го внесот на свежа храна во вашата рутина!

Кон почеток

Нашиот сајт користи колачиња (Cookies). Со кликнување на “Се согласувам” или со продолжување на користење на сајтот, се согласувате со користењето на колачињата. Доколку не се согласувате, можете да ги промените подесувањата на Вашиот пребарувач.

Повеќе Информации