Регистрирај Pazar3 сметка и добиј 50 денари!

5 tips to boost your mental health during pandemic


5 совети за да го подобрите менталното здравје за време на пандемијата


Корона кризата го засени и промени целокупниот начин на живот кој што го знаевме, а внесе и голема психолошка оптеретеност на секој еден од нас, бидејќи поради кризата, луѓето постојано се изложени на стрес, страв и несигурност кои што директно влијаат  врз менталното здравје, за жал, негативно.

На нашите простори, луѓето се однесуваат како и да немаат време да обрнат внимание на своето ментално здравје, кое што пак е клучно за да останеме присебни, но и мотивирани за да ја надминеме ситуацијата во која што се наоѓаме.

Па затоа,  во оваа статија, ќе можете  да прочитате 5 совети за да го подобрите менталното здравје за време на пандемијата!


Бидете активни

Спортот и рекреацијата не се само клучни зa вашата ментална хигиена, туку и за вашето целокупно здравје, бидејќи тоа го зајакнува имунолошкиот систем, драстично го намалува стресот, го подобрува сонот, и намалува вишокот на килограми.

Иако се затворени теретаните и фитнес центрите, тоа не треба да ве обесхрабри, туку напротив, вашите живеалишта ќе можат да бидат местата во кои ќе можете да вежбате барем по еден час во текот на денот.

На интернет постојат неверојатно многу бесплатни курсови во кои фитнес инструкторите би можеле да ви помогнат да го подобрите телото, но и менталното здравје во овие несигурни времиња.

Затоа, наместо да бидете дел од здодевната рутина, истата променете ја, со облекување на спортска опрема и започнете со вежбање, бидејќи за кратко време, разликата ќе можете да ја почувствувате, особено во поглед на напнатоста и негативните емоции кои повеќе нема да ги имате, или пак би ви биле драстично намалени.


Останете во контакт со најблиските

Иако мерките против корона вирус вклучуваат одржување на социјална дистанца, сепак, ние живееме во модерната ера, па така, физичката блискост заменете ја со онлајн разговорите, или видео повиците.

Да, точно е дека ништо не може да го замени кафето или физичката средба со најблиските во 4 очи, но, комуникацијата со вашите пријатели и роднини е сепак комуникација, а тоа прави да се чувствувате помалку изолирани.

Покрај ова, комуникацијата ќе ви помогне да не ги чувате потешкотиите со кои се соочувате во себе, а кога имате на кого истите да му ги пренесете, ефектот ќе биде позитивен.

Се разбира, темата на разговор не мора секогаш да биде негативна, бидејќи сигурно постојат многу извонредни моменти за кои може да зборувате, а тоа значително ќе ви го подобри менталното здравје, и ќе внесе позитивна енергија во вашиот живот.


Научете нешто ново

Без разлика на возраста, човекот учи се додека е жив, а овој начин на размислување е повеќе од потребен додека трае ковид кризата.

Доколку сте во потрага по работа за време на пандемијата, или пракса, тогаш немојте само да се фокусирате кон фактот дека  во моментот немате работа, и дека ситуацијата нема да се промени, туку, фокусирајте се во учење или доусовршување на веќе стекнатите знаења со едуцирање преку интернет.

За оние кои веќе имаат работа, а до некаде и стабилен месечен буџет, стресот од работата можете да го замените со учење на некој нов јазик, јога, или пак вештина за која што сте сакале да ја знаете уште од минатото, како што се музички инструменти и сл.

Фокусирањето кон учење на нови работи тотално ќе Ве изолира од негативното мислење и чувства кои ги имате, а не знаете каде да ги канализирате, а тоа, се разбира, значително ќе ви го подобри менталното здравје а и ќе придонесе кон тоа да се чувствувате далеку попријатно и позитивно.


Купете домашно милениче

Животот во вашите куќи и станови може да биде драстично подобрен, доколку се одлучите да чувате домашни миленици, бидете сигурни дека тие ќе Ви ги оттргнат сите негативни мисли, па дури и би ве препородиле во овие кризни времиња.

Изборот на домашни миленици е навистина голем, па така, можете да одберете помеѓу кучиња, мачки, птици, аквариумски риби a новите членови во семејството ќе внесат свежина и пријатна атмосфера токму онаква каква што и впрочем заслужувате!

Домашните миленици со векови правеле луѓето да не се чувствуваат изолирани, а нивното присуство е одлично за сечиј дом и семејство, кој што сака да ја промени рутината и да обрне внимание на животни кои ќе се радуваат на вас секој момент кога ќе ве здогледаат.

Се разбира, тие бараат од сопствениците многу нега и грижа, но, тоа и те како ќе ви се исплати на долг рок, не во финансиска смисла, туку во позитивна, психолошка.


Научете како да се справите со стресот

Благодарение на интернетот и на модерната ера, протокот на информации е обемен, а истиот можете да го филтрирате и да не бидете изложени постојано на вестите во кои главна тема на разговор е ковид кризата.

Па така, чувствувајте се слободни да си препуштите неколку часовно спа искуство во вашата када, медитирајте, вежбајте јога, запишете ги работите кои што ве мачат на лист или разговарајте со пријателите, прошетајте барем 30 минути во природа, или пак, изнајмете викендица и трансформирајте ја монотонијата во нешто ново што ќе ве опушти.

Покрај ова, пробајте да прочитате и книги кои што би можеле да ве мотивираат додека трае пандемијата, или пак, изгледајте ги омилените комедии филмови и серии кои ќе ве насмејат!

Запомнете, смеењето драстично ќе ви го подобри расположението, а воедно, ќе направи да се чувствувате и пријатно особено во ковид кризата каде што и забораваме на овие мали, но за нашето ментално здравје, големи работи.


Се надеваме дека овие 5 совети за да го подобрите менталното здравје за време на пандемијата Ви беа корисни, и дека за голем дел од нив веќе започнавте да размислувате за да ги примените за време на пандемијата.

Во секој случај, не заборавајте да се грижите не само за личното, туку и за менталното здравје, бидејќи менталната хигиена е една од најважните работи кои што треба да ги има на ум секој човек, за да може да препроди огромен број на предизвици без да потпаѓа под стресот и околностите во кои што се наоѓа.

Кон почеток

Нашиот сајт користи колачиња (Cookies). Со кликнување на “Се согласувам” или со продолжување на користење на сајтот, се согласувате со користењето на колачињата. Доколку не се согласувате, можете да ги промените подесувањата на Вашиот пребарувач.

Повеќе Информации