Купувањето на половен автомобил е тешка одлука земајќи го во предвид голeмиот избор на автомобилски брендови, модели, ниво на опрема, цена и слично. Постојат многу работи кои што треба да се земат во предвид при донесувањето на одлуката која половна кола да се избери, но најчестите дилеми се околу годината на производство и бројот на изминати километри. Што е поважно, која година е произведен автомобилот или колку километри има поминато?
Доколку барате автомобил кој ќе ве служи подолго време, оваа одлука одзема многу време, труд и истражување околу достапноста на автомобилите на пазарот. Доколку пак сте голем љубител на повеќе брендови и модели на автомобили, и едноставно сакате да "експериментирате" со разните модели, тогаш за вас оваа одлука сигурно е многу полесна и побрза.
При купувањето на половни коли најважно е да се најде тн. златна средина, односно автомобил кај кого амортизацијата значително ја намалила неговата пазарна цена, но од друга страна автомобилот е сеуште во исклучително добра возна состојба. Пазарот на оловни коли во Македонија е се повеќе дефицитарен на автомобили со постара година на производство а помала измината километража. Кога би морале да направите компромис што би избрале - старост на возилото или изминати километри?
Во нашава земја, побарувачката на половни коли е доста повисока од побарувачката за нови возила. Поради животниот стандард, многу е мал процентот на луѓе кои можат да си дозволат нови автомобили. Еден од најголемите стравови при купувањето половни коли е реалната километража на возилото. Дали бројот на изминати километри е реален или во суштина тој е дупло или три дупло поголем од прикажаното?
Кај нас, а и во многу други европски земји враќањето на километражата е редовна практика. Не само Македонија, туки и Германија, Франција, Италија, Холандија, и Белгија се соочуваат со проблемот на лажирана километража. Во Македонија лажирањето на километражата е толку застапено што дури и се вели дека секоја втора кола е со вратени километри. Овој проблем го загрижува секој кој планира да купи половен автомобил, бидејќи секако поголемата километража значи и дека автомобилските делови се истрошени. Сепак, денешните автомобили се далеку поиздржливи одколку што мислиме. Важно е да се знае и како биле изминати тие километри. Автомобил оставен да скапува во некоја гаража и има изминато премалку километри не е добар индикатор.
Доколку автомобилот бил возен на отворени патишта и автопати тој не претрпел големи оштетувања и покрај големата измината километража, и доколку правилно и навремено се одржува нема никаков проблем.
Како и километражата, и годината на производство има големо влијание врз одлуката каков автомобил да се купи, меѓутоа староста на возилото секако не треба да биде одлучувачки фактор. Покрај корозијата и истрошеноста, купувањето на постаро возило со сигурност значи дека треба да се откажете од одредени новитети во поглед на безбедносни функции и ниво на опрема која го олеснува возачкото искуство. Автомобилите со постара година на производство со сигурност ќе имаат потреба од одредени поправки и замени на истрошени делови, па имајте го тоа во предвид при калкулирање на буџетот кој ќе ви биде потребен за купување на тоа возило.
Нашиот заклучок е дека и километражата и годината на производство се подеднакво важни фактори кои одлучуваат каков половен автомобил да се купи. Меѓутоа побитно и од овие два фактори е тоа во каква состојба е моментално автомобилот од аспект на одржување. Доколку автомобилот бил редовно сервисиран, има историја на поправки во овластен сервисер, и при купувањето има на увид детални информации околу тоа какви оштетувања претрпел, тогаш годината на производство и километражата не се пресудни во одлуката.
Дали е во ред купувањето на постар автомобил? За жал не постои точен и погрешен одговор, исто како што не постои точна цифра на измината километража која е прифатлива. Кога купувате користено возило, најважно е да размислите колку добро возилото е одржувано. Доколку автомобилот не е удиран, не бил дел од сериозни сообраќајни незгоди, и бил редовно и навремено сервисиран - тогаш најверојатно станува збор за одлична зделка.
Пораки
Информации за корисникот