Регистрирај Pazar3 сметка и добиј 50 денари!

apartment dogs


5 раси на кучиња кои се идеални за чување во стан


Иако постојат огромен број на раси на кучиња во светот, сепак, не секоја раса на куче е погодна за чување во стан, бидејќи постојат многу фактори кои што влијаат кон ова - темпераментот, нивото на грижа кое што го бараат самите кучиња од сопствениците, толеранцијата спрема членовите во вашиот дом и семејство и сл.

Затоа, ние се одлучивме да Ви понудиме 5 одлични раси на кучиња кои што се идеални за чување во станови, а воедно, се и доволно мирни за да можат да ги чуваат и семејства со деца!


#1 Малтезер

Интересен факт: малтезерот е една од најпознатите видови на кучиња со мал раст кои што биле избор на најпознатите уметници, научници па дури и кралици како што е Мери - кралицата на Шкотите, кралицата Викторија, Жозефина Бонапарта, и Мариа Антоанета.
Воедно, малтезерите биле омилени кај античките Грци и Римјани, особено кај децата, што ги прави идеални за чување не само во куќи, станови, туку и за семејства со деца.


Потекло

Кучето малтезер води потекло уште од антиката, а подрачјето во кое што се одгледувало било навистина обемно, почнувајќи од државите во Медитеранот, па се до Сицилија, Египет, и јужна Европа, иако голем број на историчари сметаат дека вистинското потекло води од Малта, од каде што го добива и своето името - малтезер.


Карактеристики

Една од најглавните карактеристики за оваа раса на кучиња, покрај фактот што се работи за кучиња со мал раст е нивното прекрасно крзно кое што има просечна должина од околу 23cm, преубавиот изглед со високо поставени ушиња, опашка која што е накосена на една страна, прекрасни ситни очиња кои го прават малтезерот да изгледа како играчка!

Во поглед на карактерот, малтезер кучето е хиперактивно, дружељубиво, неизмерно ги сака децата, и обожува да се гали со часови, а тоа значи дека без никаков проблем би можело да го чувате во станови, без разлика на квадратурата.

Нивниот разигран дух и позитивен карактер се главните одлики кои што на најдобар начин ја отсликуваат популарноста и го даваат одговорот на прашањето, зошто и најголемите аристократи чувале малтезер.

Исто така, просечниот животен век на малтезер кучињата се движи помеѓу 10 - 13 години, а неретко се случува оваа раса на кучиња да ја надживее очекуваната старост, што значи дека овие кутриња би биле ваши пријатели навистина голем период!


Грижа и дресура

Поради нивната интелигенција, малтезерите цврсто се приврзуваат кон сопственикот, брзо учат, флексибилни се, а тоа значи дека за краток период би можеле да ги издресирате за да бидат покорни и да се научат на живот во стан.

Но, при дресирање, избегнувајте агресија бидејќи тие се доста чувствителни, или пак, доколку немате искуство со дресирање, најдобро би било да најмите професионалец.

За крај, би сакале да Ве известиме дека малтезер расата бара секојдневно чешлање на крзното, со специјални четки кои што нема да ги повредат, па затоа, чувствувајте се слободни да користите и разни видови на специјализирани спрејови, креми и сл карактеристики, доколку имате потешкотии при чешлањето.


#2 Бишон

Бишон, кој што е исто познат како "бишон фризе" спаѓа во групата на кучиња со мал раст кои што се синоним за европското благородништво низ текот на историјата, но и од страна на уметниците чиј што дела вклучувале приказ на бишон, од кои најпознато е делото на Goya.


Потекло 

Оваа раса на кучиња води потекло од медитеранското Barbet куче кое што било вкрстено со друго куче со мал раст кое што имало бело крзно, па така, се појавила и сортата Bichon Frise.

Оваа раса станала популарна кај француската аристократија, за да подоцна биде за прв пат донесена и во Америка од страна на одгледувачите во 1950тите години, каде што веднаш биле прифатени од страна на луѓето.


Карактеристики

Кога ќе здогледате бишон, првото нешто кое што ќе го забележите е нивното прекрасно, свиленкасто крзно кое што има виткани локни чија должина изнесува од 7-10cm, и се разбира, малото но мускулесто тело со добро дефинирани гради, мала муцка, и ситни, црни очиња.

Но, она што ги прави да бидат уникатни, а воедно и идеални за чување во станови е фактот што тие не се митарат, бидејќи крзното е хипоалергенско а сопствениците кои патат од алергија нема да имаат никакви проблеми со ова куче.

Во поглед на карактерот, бишон кучињата се интелигентни, сакаат да поминуваат време галејќи се со вас и членовите на вашиот дом и семејство, лојални се, а понекогаш имаат и вишок на енергија што значи дека атмосферата во вашиот стан ќе биде навистина позитивна.

Исто така, тие се љубопитни, па така, не би имале потешкотии во дресирањето, со еден збор - бишон кучето е идеален придружник за секој дом и семејство!


#3 Француски булдог

Иако ова куче се нарекува "француски булдог", она што е интересно за оваа раса на кучиња е тоа што тие потекнуваат од англиските булдози кои биле вкрстувани со со териери или пак со кучиња наменети за ловење на стаорци (според експертите), и истите за прв пат се појавуваат во 19ти век во Франција.


Карактеристики

Францускиот булдог се одликува со мал раст, од околу 30cm кај мажјаците и нешто помалку кај женките, имаат силно изразено мускулесто, набиено тело со испапчени очи, широки предни нозе, ушиња со средна големина и ниско поставена, кратка опашка која што ја носат или исправено или пак свиткана на врвот.

Во поглед на крзното, не секој француски булдог е застапен во иста боја, па така, ќе имате можност да одберете француски булдог со крем боја на крзно, црна, со шари, црвенкасто-кафеава, и сл, но, заедничко за сите нив е тоа што крзното е сјајно, префинето и нежно.


Темперамент

Оваа раса на кучиња е претпознатлива по својата интелигенција, позитивен дух, храброст, и по фактот што не сакаат да бидат воопшто запоставени, па како сопственик, бидете спремни дека тие ќе сакаат поголем дел од времето да го поминуваат во галење и играње.

Толерантни се и кон децата, всушност, тие навистина ги сакаат децата, а немаат проблем ни да не бидат единствено домашно милениче, бидејќи се согласуваат со луѓето и животните навистина добро.

За крај, би сакале да нагласиме дека француски булдог е одличен избор за секој сопственик кој што живее во станови бидејќи ова куче е доста интелигентно, и не бара некој голем простор за да има квалитетен живот.


#4 Мопс (pugs)

Мопс или pug, е една од најдобрите раси на кучиња на кои што можете да станете сопственик, особено доколку живеете во стан, бидејќи тие се неизмерно весели, изгледаат слатко, и се премногу лојални и кон сопственикот и кон останатите членови на семејството.


Потекло и карактеристики

Овие кучиња потекнуваат од Кина, каде што и биле навистина популарни и ценети од страна на кинеските цареви, но, во Европа, тие за прв пат биле донесени во 16-от век, каде што бил препознаен и од најпознатите аристократи, меѓу кои и Жозефина и Наполеон Бонапарт.

Кога ќе здогледате мопс куче, на прв поглед може и да Ви заличи на француски булдог, бидејќи тие се слични, но, она по кое што се одвојува мопс кучето е во тоа што тоа е полесно, има помала мускулна маса, тежи околу 6-8кг, и има висина од 25-35cm.

Но, главната разлика е во нивната глава, која што е значително поголема, а истата се карактеризира со длабоки брчки, испакнати очи, кои што се навистина мили, а понекогаш дури потсетуваат како тие да се тажни.


Темперамент

Мопс кучињата се неверојатно забавни и позитивни, а тоа значи дека тие нема само да се галат, туку се и спремни за игра, што само по себе значи дека атмосферата во вашите станови ќе биде секогаш пријатна!

Но, би сакале да Ве известиме дека овие кучиња многу цврсто се приврзуваат кон сопственикот и бараат големо внимание, па затоа, одберете ги доколку можете да поминете поголем дел од времето со нив

Исто така, тие се пријателски настроени со децата, но и кон останати домашни миленици, што ги прави топ избор за секој сопственик кој што е во потрага по куче со овие карактеристики.


#5 Лабрадор

Доколку сакате поголемо куче кое што е идеално за живот во стан, тогаш Вие сигурно сте во потрага по лабрадор кучето, чија раса е обожувана од страна на децата и возрасните, бидејќи лабрадорот на најдобар начин докажува зошто кучето е најдобар пријател на човекот!


Главни одлики

Лабрадор расата се одликува со цврсто градено тело со висина од околу 56-57cm кај мажјаците, или 55cm кај женките, широка глава, прекрасно, густо крзно кое може да биде црно, жолто, или кафеаво, па така, ќе можете да си одберете куче чија што боја најмногу одговара на вашиот вкус!

Но, веруваме дека она кое што не сте го знаеле е тоа што шепата на оваа раса на кучиња има и тн пливачка кожа која што им помага на овие кучиња да пливаат, па така, често по плажите ќе имате прилика да здогледате лабрадор кој што плива заедно со својот сопственик,

Во поглед на карактерот, лабрадор кучето е вистински човеков пријател кој што е неверојатно лојален, обожува да се гали, ги сака децата, и има високо ниво на интелигенција кое му помага да учи нови работи, да прави трикови, но и да биде покорен пред сопственикот.

Поради својата добрина, лабрадорите често се користат во најразлични медицински третмани, почнувајќи од работа со деца со аутизам, па се до луѓе со најразлични инвалидитети.

Единственото нешто на кое што треба да внимавате е да не бидете агресивни спрема кучето особено не при тренинг, бидејќи тоа би можело да се затвори во себе, но, и покрај тоа, ова куче би дало се од себе за да ве орасположи кога сте тажни или поминувате низ тежок период.


За крај, ова се само 5 од многуте раси на кучиња кои што се идеални за живеење во стан, но, ние ги одбравме овие поради повеќе фактори, почнувајќи од нежност спрема децата, достапните цени, па се до интелигенцијата со која се одликуваат, бидејќи тааа е клучна за да немате никакви проблеми при дресирање.

Па, се отвора прашањето -  Која би била вашата омилена раса на кучиња за чување во стан?

Кон почеток

Нашиот сајт користи колачиња (Cookies). Со кликнување на “Се согласувам” или со продолжување на користење на сајтот, се согласувате со користењето на колачињата. Доколку не се согласувате, можете да ги промените подесувањата на Вашиот пребарувач.

Повеќе Информации